Акцизата на тутунски добра се плаќа со користење на контролни марки.
Контролните марки тип 1 и 2 се изработуваат од бездрвна хартија во правоаголна форма со димензии:

  1. тип 1 со 44мм х 20мм;
  2. тип 2 со 44мм х 20мм

Контролни марки добива производителот или увозникот.

Пуштањето на тутунските добра во акцизно-правен слободен промет на акцизната територија е дозволено само ако тутунските добра се обележени со контролна марка.

Со подигнувањето на контролните марки настанува долг за контролни марки во висина на акцизната вредност на марките.

Акцизната вредност на една контролна марка се пресметува од акцизата за една цигара, пура, цигарилос или 1 кг. тутун за пушење и податокот за количината наведена на контролната марка.

Обврската за употреба на контролни марки не важи за тутунските добра кои се ослободени од акциза и во случаите:

  • Патниците кои внесуваат од странство тутунски добра кои не се опфатени во член 25 став (1) точка 5) од Законот за акцизите и државјаните на Република Македонија и странските државјани кои примаат од странство тутунски добра согласно со царинските прописи, ја плаќаат акцизата на друг начин освен преку контролни марки.Акцизата мора неодложно да се пријави кај надлежниот царински орган и веднаш да се плати.
  • Во случаите кога тутунските добра се пуштаат во акцизно правен слободен промет на меѓународен саем, изложба или друга приредба или како мостри, плаќањето на акцизата може да се врши на друг начин освен преку употреба на контролни марки. Акцизата мора неодложно да се пријави кај надлежниот орган.


Пријавување на контролни марки

Имателот на акцизната дозвола или увозникот, своите месечни потреби од контролни марки ги пријавуваат од 5-ти до 10-ти во тековниот месец за наредниот месец со поднесување Пријава за планирани количини на контролни марки за обележување на тутунски добра до Царинска управа на образец П-ТД доставуваат и доказ за платените трошоци за печатење, транспорт, чување и издавање на контролните марки кои ги пријавуваат.
Рокот за подигнување на пријавените контролни марки е три месеци.

Имателот на акцизна дозвола или увозникот ги пријавува до Царинска управа, планираните количини на контролни марки за наредната година, искажани по тримесечја, најдоцна до 30 ноември во тековната година.Ако планираните количини на контролни марки за наредната година, искажани по тримесечја, значително отстапуваат од подигнатите контролни марки по тримесечја во минатата година или доколку постои значителна разлика помеѓу планираните количини во тримесечјата за наредната година, имателот на акцизна дозвола или увозникот доставува образложение до Царинската управа.


Издавање на контролни марки

Издавање на контролните марки се врши по барање на имателот на акцизната дозвола или увозникот кој до Царинската управа поднесува Барање за превземање на контролни марки за обележување на тутунски добра – образец Б-ТД.

Производителот или увозникот овластува лице кое ќе врши подигање на контролните марки.

За издадените контролни марки, Царинска управа решението за долгот за контролни марки го издава во висина на нивната акцизна вредност кое при увоз се поднесува на царинскиот орган.

Контролната марка треба да биде залепена на амбалажата под целофанската или друга хартија, така што ќе биде видлива и при отворањето на пакувањето ќе мора да се оштети. На оригиналните пакувања на пури и цигарилоси, кои не се обвиткани со целофанска или друга хартија, контролната марка може да биде залепена непосредно на пакувањето.

Контролните марки се лепат на секоја поединечна кутија за пакување на (соодветен број) цигари или (соодветен број) пури или цигарилоси, или (содветно количество) грамови на тутун за пушење.

Контролните марки се лепат редоследно според серијата.

Контролните марки за цигари се издаваат во најмал број од 50.000 парчиња, според одделна серија за секој тип на контролна марка.
На производителот или увозникот им се признава на име оштетени контролни марки растур од 0,3 % од преземените контролни марки.

Издадени контролни марки за обележување на цигари (статистика)


Постапување при зголемување на акцизата и зголемување на малопродажната цена

Во случај на зголемување на акцизата и зголемување на малопродажната цена, производителот и увозникот на тутунски добра се должни на денот на почетокот на примена на истата, да направат попис на затечени залихи на тутунски добра и тоа обележани со контролни марки, без контролни марки и затечените залихи на подигнати контролни марки во акцизни складови или складови на увозникот или во други нивни простории и да подготват записник за извршениот попис. Во случај на зголемување на акцизата и зголемување на малопродажната цена секој овластен дистрибутер на производителот и увозникот на тутунски добра е должен на денот на почетокот на примената на зголемената акциза за тутунски добра и на денот на почетокот на примената на зголемената малопродажна цена да направи попис на затечени залихи на тутунски добра во своите складови и во други свои простори, како и во складовите и просторите на со нив поврзани друштва и да подготви и да достави записник од извршен попис до Царинската управа и до производителот или увозникот на тутунски добра, не подоцна од два работни дена од денот на извршениот попис.

Производителот и увозникот се должни да ја пресметаат зголемената акциза на вкупната затечена залиха и да достават барање за доплата на акциза заедно со направената пресметка и записници, доколку акцизата на денот на извршениот попис е поголема од платената акциза за подигнатите контролни марки. Барањето за доплата (образец АК-ДА) при промена на акциза или при промена на малопродажна цена, заедно со пресметката и записниците се поднесуваат до Царинската управа не подоцна од пет работни дена од денот на извршениот попис. Врз основа на доставеното барање, Царинската управа донесува решение за доплата на разликата помеѓу платената акциза и зголемената акциза при промена на акциза или промена на малопродажна цена.

Овластениот дистрибутер е должен да му ја надомести разликата во акцизата на производителот и увозникот на тутунски добра за залихата, што е во неговите складови и во други свои простори, како и во складовите и просторите на со него поврзани друштва, при нејзината промена во рок од 30 дена од денот на извршениот попис.

Поврзано друштво е правно лице со регистрирано седиште во Република Македонија кое е поврзано друштво во смисла на одредбите од Законот за трговските друштва со дистрибутерот на тутунски добра и кое е овластено да врши трговија на големо со тутунски добра во согласност со закон. Царинската управа одлучува по барањето во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето.

За водење на евиденции на увозникот на тутунски добра на денот на почетокот на примената на зголемената акциза за тутунски добра и на денот на почетокот на примената на зголемената малопродажна цена, потребни се следните податоци:

  1. попис на затечени залихи со и без залепени контролни марки во складови на увозникот на тутунски добра,
  2. попис на затечени залихи на тутунски добра во складовите на увозникот и
  3. податоци од страна на овластениот дистрибутер за затечени залихи на тутунски добра во своите складови и во други свои простори.