Во текот на минатите четири недели, царинските службеници открија два обиди за криумчарење дрога, едно возило со бункер и неколку обиди за криумчарење разна стока, при што се задржани роботска косилка, хемиски препарати, облека, ташни, свежи морски плодови и козметички производи.

Царинските службеници од граничниот премин Богородица спречија обид за криумчарење разни наркотични средства. 

На 10.08.2019 година во вечерните часови, за влез во државата се пријавил  германски автомобил, управуван од турски државјанин, со кој патувале уште двајца сопатници. При контрола на возилото, во ранец меѓу предмети за лична хигиена била пронајдена кеса со непозната прашкаста материја, додека при личен претрес на возачот, во џеб од неговата јакна била пронајдена пластична вакуум кеса со непозната тревкаста материја, а во пакет од влажни марамчиња била пронајдена бела прашкаста материја обвиткана со жолта кеса. По извршена проверка со тестери за дрога и мерење со дигитална вага било утврдено дека се работи за марихуана со маса од 24 грама, кокаин со маса од 0,5 грама и амфетамин со маса од 17 грама. Дополнително бил извршен детален преглед на возилото со помош на полициско куче, но не биле откриени други неправилности.

На 03.09.2019 година на граничниот премин Свети Наум, за влез во државата се пријавил македонски државјанин, управувајќи патничко моторно возилo со македонски регистарски таблици. При вршење на преглед, во внатрешноста на возилото, царинскиот службеник пронашол непозната тврда супстанција, обвиткана со прозирен најлон. Поради сомневање за природата на супстанцијата царинскиот службеник повикал друг службеник со царинско куче кој во тој момент бил на граничниот премин и заеднички го продолжиле прегледот. Кучето изреагирало на супстанцата, по што е земен примерок од истата и е направено тестирање со соодветни реагенси кои покажале дека содржи амфетамини. Натамошните лабораториски испитувања покажале дека се работи за кокаин со голема чистота во количество од 144 грама. 

Лицето е лишено од слобода и против него е отпочната соодветна постапка.

Покрај тоа, привремено се задржани:

Возила со бункери и косилка

- 1 автомобил со бункер, 1 автобус со бункер и 1 роботска косилка, откриени во три одвоени случаи, од страна на мобилните царински тимови.

Во првиот случај, при контрола на  автомобил со италијански таблички, управуван од албански државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце, во багажниот простор под резервната гума бил откриен специјално подготвен бункер за криумчарење стока. 

Во вториот случај, при контрола на турски автобус кој сообраќал на релација Гостивар–Истанбул, управуван од турски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Богородица, во пределот кај задното лево тркало бил откриен исто така празен специјално подготвен бункер за криумчарење стока.

Во двата случаи, согласно законските прописи, автомобилот и автобусот се привремено задржани, а против возачите се поднесени барања за поведување прекршочни постапки.

Во третиот случај, при контрола на швајцарски автомобил управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат, на задното седиште на возилото била пронајдена 1 роботска косилка. Непријавената косилка, е привремено задржана, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

Хемиски препарати

- 7 килограми фунгицид NEOTIL M72,  4400 милилитри и 2 килограми инсектициди од марките SPINTOR, MALAMALA, DENAEK и SAMAND, 2 литри течно ѓубриво WETCIT и 2 литри акарицид CANMEC, откриени при контрола на бугарски автомобил управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ново Село. Непријавените производи, за чиј увоз се потребни дозволи од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, биле пронајдени во фабрички празнини  под резервната гума и во задните крила на возилото. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка. 

Облека и модни додатоци

- 20 парчиња фустани, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените фустани, пронајдени во кеси сместени под совозачкото седиште и во багажниот простор, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

- 70 женски чанти, откриени при контрола на грчки автомобил управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица.  Непријавените чанти, пронајдени под совозачкото седиште и во три куфери сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Морски плодови

- 69 килограми свежи разладени морски плодови (октоподи, шкампи и лигњи), откриени при контрола на македонски автомобил управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица.  Непријавените производи, пронајдени во 10 кутии од стиропор сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Козметички производи

- 274 различни козметички производи (вештачки трепки, лепак за трепки, римел и креми), откриени при контрола на македонски автомобил управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Јажинце. Непријавените производи, пронајдени во патнички торби сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка. 

Мигранти

8 илегални мигранти биле откриени од страна на мобилните царински тимови, во македонски автомобил, во близина на клучката за село Костурник, на патниот правец Куманово – Табановце. На ден 30.08.2019 година, околу 2 часот по полноќ, бил забележан автомобил кој бил пренатоварен и се движел полека по автопатот од Куманово кон Табановце. При обид да се стопира возилото, возачот  и уште три лица излегле од возилото и побегнале во правец на Куманово, додека во автомобилот биле откриени 8 илегални мигранти. Според нивните изјави, двајца биле ирачки државјани, а другите биле пакистански државјани. 

Мигрантите се предадени на полициски службеници од СВР Куманово за  понатамошно постапување.  

CI Sveti Naum - Narkotici - Septemvri 2019 02
CI Sveti Naum - Narkotici - Septemvri 2019 02
CI Sveti Naum - Narkotici - Septemvri 2019 03
CI Sveti Naum - Narkotici - Septemvri 2019 03
Fustani, mobilna
Fustani, mobilna
Hemiski preparati, Novo Selo
Hemiski preparati, Novo Selo
Kokain, Amfetamin,Bogorodica
Kokain, Amfetamin,Bogorodica
Kosilka, mobilna
Kosilka, mobilna
Kozmetika, Jazince
Kozmetika, Jazince
Marihuana, Bogorodica
Marihuana, Bogorodica
Morski plodovi, Bogorodica
Morski plodovi, Bogorodica
Vozilo so bunker, mobilna
Vozilo so bunker, mobilna
Zenski canti,Bogorodica
Zenski canti,Bogorodica
Previous Next Play Pause
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11