Република Македонија е членка на Светската трговска организација од април 2003 година. Светската Трговска Организација (СТО), како наднационална институција е една од најважните институции кои се занимаваат со меѓународните економски врски. Со своите органи и тела СТО активно и мошне успешно ја остварува својата двојна улога: воспоставување и засилувањ е на правилата за меѓународната трговија на производи и услуги и либерализација на трговијата. СТО е форум на владите за преговарање за трговските договори и како на место за разрешување на трговските несогласувања. Важноста на СТО и аспирацијата на земјите да бидат дел од оваа организација потекнува од големите привилегии што членството во СТО ги носи со себе во поглед на обезбедување на поповолен третман за националните производи и трговските субјекти при нивниот пристап на странските пазари, како и поттикнување на развојот на меѓународната трговија на земјите во развој.